Tuesday, April 24, 2012

Изнајми пратеник

Роденденот, како еден од најзначајните денови во животот на човекот, се почесто се слави на многу неочекуван начин. Веќе демоде се прослави по дома, кафичи, па и дискотеки. Сега во мода е „Изнајми пратеник“.

Оваа иницијатива се појави како предлог на, верувале или не, самите пратеници.

Долго време го јаваме народот како стигнеме. Му се качуваме на глава, а тој ни дава пари за тоа. Време е да ја вратиме услугата назад“ - рече еден пратеник кој сакаше да остане анонимен додека го ставаше самарот на грб.

Друг пак додаде,  „Јас на ова гледам многу позитивно, спортуваме заедно со народот, го шетаме градот, им ги покажуваме одблиску работите што ги имаме направено за нив и за нашата држава. Едноставно народот е среќен, а и ние исто“.

Ги запрашавме и корисниците на оваа услуга што мислат тие за неа,

Еми шо да ти кажам, малио мој вика тате дај нешо ново да напрајме роѓендан ми са ближе, а не сакам као другте деца на плоштад да славем со огномети, тоа демунитив ми е веќе. И ја морав да му испунам желбата на малио“ - ни рече нашиот соговорник.


Сретнавме и еден млад брачен пар кој веќе беше во агенцијата за изнајмување на пратеници „Парламент“, па ги прашавме и нив што мислат за ова,

Па ни се допаѓа. Ова е нешто ново, нешто сензационално, нешто шокантно и скандалозно во исто време, а сепак благо-пријатно“ - рече младиот.

Се сложувам со мојот иден сопратник, среќни сме што ваква новост е дојдена кај нас и еве размислуваме да го искористиме пакетот „Брачно јавање“ каде се изнајмуваат двајца пратеници за нашиот најсреќен ден, свадбата.“ - ни рече младата.

Освен за роденден и свадба, пратениците може да се изнајмат и за именден, слава, па дури и прв состанок со идната девојка.

Ништо не остава подобар впечаток од тоа да ја земеш девојката од дома на прв состанок додека јаваш пратеник“ - ни рече еден млад човек кој едвај чекаше да дојде 20 часот за да го искористи својот пакет „Шармирај ја женската“.

Од агенцијата за изнајмување „Парламент“ ни рекоа дека граѓаните се многу заинтересирани и задоволни од услугите што ги нудат и најавуваат новини во блиска иднина. Сега за сега достапни им се неколку услуги:

Роденденско јавање“, „Брачно јавање“, „Шармирај ја женската“, „Цепање у град“ и најновата услуга која одма стана хит „Момачка вечер“ каде што млади дечки се тркаат меѓу себе качени на грбот на пратениците.



Инспирирано од: вест

No comments:

Post a Comment